Неуморна и силна: Екс вардарката Херем се врати на терените

117

Поранешната членка на Вардар, Камила Херем, се врати на ракометните терени, откако и покрај борбата со ракот започна повторно да тренира со својот клуб Сола.

38-годишната Норвежанка, која во кариерата освои две олимписки злата, три светски и шест европски титули, во последните седум недели е подложена на хемотерапија поради дијагностициран рак на дојка.

Иако сè уште ја продолжува терапијата, Херем вели дека е позитивно изненадена од тоа како телото реагира на напорите и дека неочекувано брзо се враќа во натпреварувачка форма.

„Не мислев дека ќе зборувам за тоа како ќе бидам подготвена за почетокот на новата сезона. Дури ни во најлудите соништа пред два месеци не можев да замислам дека повторно ќе играм ракомет“, изјави Херем за норвешкиот „TV2“.

Искусната Херем дресот на Вардар го носеше во сезона 2016/17, во некогашниот шампион на Македонија пристигна од дански Холстебро.

Првенството во Норвешка започнува на 31 август, а норвешкиот клуб ќе биде и дел од Лигата на шампионите, односно ќе игра на местото на германскиот тим Лудвигсбург, кој прогласи банкрот.

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT