Клуб кој расте: Младост Богданци гради стабилност и создава играчи

102

Прволигашот Младост Богданци ја темпира формата за новата сезона, во која ќе влезе со аспирации за освојување на првото место, односно кам-бек во најквалитетното домашно натпреварување.

Раководството на клубот, за остварување на целта, донесе неколку квалитетни засилувања, но и искусен стратег на тренерското столче – охридската ракометна легенда Горан Андоновски, поранешен репрезентативец на Македонија.

Никола Роглев, член на управата на Младост Богданци, во разговор за Спортска Мрежа ги истакна очекувањата за новата сезона.

„Целта е влез во Супер лига. Доколку се остварат целите, ќе пробаме да останеме и да фатиме континуитет како што го имаше Младост од 1997 до 2006 година. Континуитетот не е со цел да се излезе во Европа, туку клубот да добие стабилност, полека да се надоградува со наши играчи. Моментално клубот се состои од 75-80 сопствени играчи, надополнет со неколку засилувања – играчи со суперлигашко искуство и еден странец, Лазар Адамовиќ. Се очекува во наредниот период да ни се приклучи уште еден странец, со кој ќе го заокружиме ростерот на нашата екипа пред почетокот на сезоната, во која се надеваме на остварување на целта – да го освоиме првото место.“

Клубот во последен период секогаш дава играчи во младонските репрезентативни категории, а Роглев потенцираше дека во клубот не тренираат само деца од Богданци, туку и од околината – Дојран, Гевгелија, па дури и од Струмица.

„Клубот се состои од околу 80 членови кои играат во кадетска, пионерска и сениорска екипа. Од 1 септември треба да почнат и најмладите категории, од 6 до 9 години, каде има околу 20-25 дечиња. Па така, нашиот проект брои околу 100 членови и во него не тренираат само играчи од Богданци, туку и од Дојран Гевгелија, околните села… па дури и дечиња од Струмица започнаа да тренираат, а патуваат во сопствена режија.

Целата емисија за прволигашот Младост Богданци погледнете ја во продолжение…

 

 

SPORT