Екипата на Овче Поле Славјански Универзитет во натпревар од 12. коло од прволигашката конкуренција славеше на гостувањето во Прилеп кај Деспина со 21:20 и се израдува на осмата сезонска победа.
За клубот од Свети Николе ова беше последен натпревар за годинава, бидејќи во 13. коло е слободен.
Иако домаќинките добро стартуваа, гостинките се вратија во игра и од 15-та минута беа во предност. Овче Поле Славјански Универзитет на полувреме замина со плус три, 10:7, и во вториот дел во ниту еден момент не дозволи домаќинките да израмнат.
Деспина имаше свои шанси за целосно враќање во игра, но не ги искористи, а дополнително на две минути пред крајот остана без искусната Мери Гичева, која мораше да се пресели да трибините поради црвен картон.
Победничката екипа беше предводена од Елена Вучевска со девет и Анастасија Сентовска со шест погодоци, а свој придонес во победата дадоа и Јована Конева (3), Јована Ангеловска (2) и Наталија Манева (1), додека на голот Ивана Станчева имаше солидно издание.
Кај Деспина, Мери Гичева беше прв стрелец со осум погодоци, четири постигна Маја Ристеска, а три пати погоди Анастасија Јованоска.