Во втората меѓусебна пресметка оваа сезона, екипата на Деспина по вторпат беше подобра од Стружанка, откако триумфираше со 27:26 во натпревар од 13. коло од прволигашката конкуренција.
За Деспина ова беше 6-та сезонска победа и есенскиот дел го завршува на 4. позиција со 12 бода, додека Стружанка останува една позиција подолу со четири бода помалку.
Голот за победа на Деспина го постигна Маја Ристеска, а останаа уште десетина секунди за домаќинките да освојат бод, но беа спречени.
Клучно за триумфот на прилепчанки беше искуството на Мери Гичева, која одигра солидно во одбраната и беше најефикасна на натпреварот со осум погодоци, сите од игра.
Некогашната репрезентативка е меѓу најдобрите десет стрелци во прволигашката конкуренција, а со партиите во досегашниот тек од сезоната уште еднаш докажа дека за неа годините се само бројка.
Освен Гичева, во победничката екипа се истакнаа и Магдалена Ѓорѓиоска и Анастасија Јованоска со по пет погодоци, додека четири запиша Маја Ристеска. Во таборот на Стружанка, најефикасни со по седум погодоци беа Еџе Сејадин и Тијана Переска.
Прва женска лига, 13. коло, резултати:
Атлетик – Јехона 34:11 (16:7)
Стружанка – Деспина 26:27 (13:13)
Ѓорче Петров 2- Шампион 35:13 (18:3)
Овче Поле Славјански Универзитет – слоб.