Татко му играше за Македонија, сега тој ќе го има второто учество на Европските првенства

316

Денеска со два натпревари ќе стартува 17-то издание на Европското ракометно првенство, на кое домаќини се три земји – Данска, Норвешка и Шведска. На континенталниот собир ќе настапи и Украина, која последното учество на Европското првенство го имаше во 2022 година, кога заврши на последното, 24. место.

Составот на Украина е спој на младост и искуство, а еден од главните адути се очекува да биде Игор Турченко, кој на турнирот во Винтертур, на кој настапи и Македонија, беше избран за најдобар стрелец. Тој ќе го има своето второ учество на големите натпреварувања, односно на Европските првенства.

Првото учество на младиот украински ас, кој е син на поранешниот репрезентативец на Македонија, Сергеј Турченко, беше токму во 2022 година, кога почна да го привлекува вниманието на големите европски клубови. Игор моментално е член на Лимож, но од следната сезона ќе се пресели во Нант, клуб во кој ќе остане најмалку до 2029 година и ќе има можност уште повеќе да напредува.

Неговиот татко Сергеј остави голема трага во Младост Богданци, а настапуваше и за Борец Тедико и Климент Охридски. За репрезентацијата на Македонија настапи во квалификациите за Европското првенство во 1998 година.

Постариот брат на Игор, Дмитро, ја започна кариерата токму во Богданци, а еден период настапуваше и во Прилеп. И неговата мајка Ирена беше активна на ракометните терени низ Македонија, настапувајќи за Младост Богданци и ЖРК Гевгелија.

 

Украина на ЕП е во силна група, за ривали ги има репрезентациите на Франција, Норвешка и Чешка. Избраниците на Вадим Бражник првиот натпревар го играат вечерва од 20:30 часот против Норвешка.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT