Исландскиот Валур, кој во минатата сезона го освои трофејот во Европскиот Куп, во оваа сезона се пријави за настап во Лигата на Европа. Валур е еден од ривалите на Вардар во групната фаза од второто по ранг европско клупско натпреварување. Утре тимот од островската земја ќе биде гостин во Скопје кај „црвено-црните“ во првото коло од ЛЕ, а во својот тим има неколку познати имиња, едно од нив е десниот бек Александер Петерсон. Искусниот Петерсон најголемиот дел од својата кариера го помина во Рајн Некар, а во Бундес лигата беше дел и од Фуксе Берлин и Фленсбург.
Екс репрезентативецот на Исланд на Олимписките игри (2008) со својата репрезентација стигна до сребрен медал, додека на Европското првенство во Австрија (2010) со своите соиграчи се радуваше на бронзен медал.
Утрешниот натпревар меѓу Вардар и Валур ќе се одигра во СЦ „Јане Сандански“, со почеток од 20:45 часот.