Суперлигашот Пролет, кој бележи одлични резултати во младинските категории, за вториот дел од тековната сезона нема да ангажира засилувања.
Од клубот заминаа Марко Мишевски, Стефан Јовевски и Марко Трајковски, а управата одлучи дека е вистински момент да им се даде шанса на дел од помладите играчи, кои ќе можат да почнат да блескаат и на сениорската сцена.
Младинците на Пролет есенскиот дел во својата конкуренција го завршија на третото место, додека пионерите беа на седмата позиција.
Пролет отсекогаш бил препознатлив по тоа што давал шанса на млади и перспективни македонски ракометари, а ракометните фанови, пред се низ натпреварите во младинските лиги, имаа можност да видат нови таленти од овој клуб.
Во редот на играчи кои се дел од иднината на клубот се Горазд Дамчевски, Лука Јовиќ, Димитар Симовски, Давор Крстески, Ѓорѓи Лешниковски, Марко Ѓорѓески, Лазе Великиќески, како и други перспективни млади ракометари кои ќе ја продолжат традицијата на Пролет да негува домашни таленти.
Кај сениорите, веќе со докажани квалитети се поранешните младински репрезентативци – Томислав Димковски, Андреј Стојановски и Андреј Глигоров.
Во вториот дел од сезоната, тимот на Пролет ќе биде предводен од Доне Мајнов, а во стручниот штаб ќе биде и Златко Даскаловски.