Охриѓанецот Михаил Иваноски се враќа на интернационалната сцена, откако се договори на соработка со словенечкиот второлигаш Ајдовшчина, клуб предводен од македонскиот стратег Раде Стојановиќ. Иваноски летоска од Дубочица (Србија) се врати од позајмица во Алкалоид, но кај Лазаров немаше доволно минутажа, па реши среќата да ја побара надвор од Македонија. Неколку месеци во Ајдовшчина настапуваше и Никола Цветаноски, кој се врати во редовите на Прилеп.
Репрезентативката на Македонија, Марија Јанкуловска, реши повторно да го облече дресот на актуелниот шампион Ѓорче Петров. Битолчанката во старо-новиот клуб пристигнува од Металург Автокоманда, каде што владее сериозен финансиски колапс, поради што околу 90% од ракометарките веќе си најдоа нови средини, главно во македонската престолнина. Јанкуловска во Ѓорче Петров настапуваше две сезони (2022/23 и 2023/24), а пред ангажманот во скопскиот клуб го носеше дресот на матичниот Пелистер. Од Металург Автокоманда во Ѓорче Петров се пресели и Марија Гугуљанова.
Еден од кандидатите за титулата во Женската Супер лига, Чаир, за вториот дел од сезоната ќе биде посилен со кружниот напаѓач Александра Коловска и со новото странско засилување – Елизабет Ван Акер од Аргентина. Коловска во редовите на Чаир доаѓа од Металург Автокоманда, додека левиот бек Ван Акер пристигнува од шпанскиот Бенидорм. Она што е познато е дека од Чаир си замина репрезентативката на Парагвај, Сабрина Фиоре, која се повреди за време на Светското првенсво.