Македонскиот вицепрвак во женска конкуренција, ЖРК Металург Автокоманда, веќе подолго време се соочува со финансиски колапс, поради што, засега, 13 ракометарки го напуштија тимот.
Од клубот заминаа Анастасија Николовска, Слободанка Кицеска, Ива Божиноска, Сара Цветановска, Марија Гугуљанова, Таида Беровиќ, Ана Марија Коларовска, Марија Јанкуловска, сестрите Ања и Мила Лашкоски, Александра Коловска, како и двете интернационалки – Сузана Зечевиќ и Петра Јершек.
Токму последното наведено име, Петра Јершек, потпиша за ЖРК Брод, клуб во кој ќе настапува и Ана Марија Коларовска, а во чиј состав е и уште една Македонка, голманката Драгана Петковска.
Извори од Автокоманда брифираат дека и помладите ракометарки, кои не се дел од сениорскиот тим, побарале исписница од клубот, па нејасно е како клубот ќе ја комплетира екипата за продолжението од сезоната и дали воопшто ќе може да настапува со конкурентен состав.
Сениорскиот тим на Металург Автокоманда есенскиот дел го заврши на втората позиција, со ист број бодови како Ѓорче Петров, но шампионот ја освои лидерската позиција поради победата во втората меѓусебна пресметка. Пионерките на клубот полусезоната ја завршија како есенски шампиони, додека кадетките на второто место.