Екс репрезентативец на Македонија потпиша за Тиквеш

413

Суперлигашот Тиквеш се активираше на домашниот пазар и во продолжението од тековната сезона, во која ќе атакува на нов пласман во плеј-офот, ќе биде посилен со искусен кружен напаѓач.

Станува збор за поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Стефан Атанасовски, кој зад себе има и интернационално искуство, а во редовите на кавадарчани пристигнува од Струга.

Атанасовски вчера пристигна во Кавадарци, се запозна со новите клупски соиграчи и го одработи првиот тренинг под водство на Кристијан Грчевски.

26-годишниот ракометар потекнува од школата на Вардар, настапуваше и за првиот тим на „црвено-црните“, а во својата кариера на домашната сцена го носеше дресот и на Пролет, Работнички и Куманово.

Надвор од Македонија играше за косовскиот Раховец, Ал Араби од Катар и Ал Мудар од Саудиска Арабија.

Освен Атанасовски, Тиквеш на позицијата кружен напаѓач ќе го има на располагање и младиот Стефан Јовевски, довчерашен член на Пролет.

Кавадарчани во последните четири кола од регуларниот дел ќе играат против екипите на Радовиш, Прилеп, Куманово и Бутел Скопје.

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT