Младинскиот тим на Куманово е последниот патник во младинскиот плеј-оф, откако на свој терен триумфираше над Еурофарм Пелистер со 28:26 во натпревар од последното коло од регуларниот дел.
На тимот од Битола му беше потребна победа за да заврши на 6. позиција, додека на Куманово му одговараше и реми, но предводени од одличниот Владимир Мицевски, кој имаше 12 успешни реализации, домаќините дојдоа до 9-та сезонска победа.
Куманово од 15-та минута, па сѐ до крајот одржуваше предност од 2-3 гола и на крајот успеа да стигне до посакуваната цел. Кај Еурофарм Пелистер, Андреј Георгиев имаше одлична партија со 14 погодоци, но неговиот труд не беше доволен за пласман во ТОП 6.
Во младинскиот плеј-оф ќе играат уште екипите на Мулти Есенс, Еурофарм Пелистер 2, Пролет, Бутел и Алкалоид.
Бранителот на титулата, тимот на Мулти Есенс, ќе влезе со голема предност во плеј-офот, бидејќи ќе стартува со 34 бода.
Мулти Есенс – 34, Еурофарм Пелистер 2 – 28, Пролет – 26, Бутел – 23, Алкалоид – 20 и Куманово – 19.
Во Куманово ќе се бие битка за последниот патник во младинскиот плеј-оф