Регионалната лига на чекор до реализација – Македонија со „големата четворка“?

362

Проектот за создавање на нова регионална ракометна лига влегува во завршна фаза, а конечната одлука околу форматот и учесниците се очекува да биде донесена на состанокот што ќе се одржи следниот понеделник во српската престолнина.

Според информациите на српскиот портал „Моцарт Спорт“, натпреварувањето би се играло по систем 4-4-2, односно со четири екипи од Македонија и Србија и две од Црна Гора.

Планот е клубовите кои ќе бидат дел од ова натпреварување да не учествуваат во првиот дел од домашните првенства, туку подоцна директно да се приклучат во плеј-оф фазата, односно во разигрувањето за титулата.

Од Србија сигурни учесници се екипите кои ќе се натпреваруваат и на европска сцена, а тоа се Партизан, Војводина, Динамо Панчево и Дубочица, додека Црна Гора најверојатно ќе ја претставуваат Ловќен и Будванска Ривиера.

Сè уште се чека конечниот став на македонските клубови околу нивното учество и начинот на вклучување во домашниот шампионат. Според најавите, учесници од Македонија би биле најдобрите четири екипи – актуелниот шампион Еурофарм Пелистер, вицепрвакот Вардар, амбициозниот Охрид и освојувачот на Европскиот Куп од минатата сезона, тимот на Алкалоид.

Како што објавува споменатиот медиум, планирано е лигата да се игра во двокружен систем, односно секој тим да се соочи со секој ривал дома и на гости, а тоа би биле вкупно 18 кола во регуларниот дел.

По завршувањето на сезоната е предвидено и финален турнир, кој би се одиграл на крајот од март следната година.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе