Дисциплинската комисија при Ракометна федерација на Македонија (РФМ) донесе конкретни санкции по одржаниот состанок на 30 март, на кој беа разгледани сите релевантни материјали и извештаи поврзани со натпреварот меѓу ГРК Охрид и РК Алкалоид, натпревар кој што заврши без победник.
Скопскиот тим беше незадоволен од делењето на правдата, излезе со официјално соопштение по натпреварот и поднесе жалба за судењето, која очигледно вроди со плод.
Комисијата, постапувајќи согласно Статутот и Дисциплинскиот правилник, донесе одлуки кои се однесуваат и на службени лица и на претставници на двата клуба.
Најстрогата мерка е изречена кон судиската двојка Даниело Божиновски и Виктор Начевски, на кои им е забрането вршење на судиска функција во период од 30 дена.
Изречени се и парични казни за функционери од двата клуба. Членот на управата на РК Алкалоид, Горан Минов, е казнет со 40.000 денари, додека Славчо Ристески од ГРК Охрид ќе треба да плати 25.000 денари.
И во двата случаи, санкциите се темелат на член 1 и член 23 од Кодексот, во корелација со член 10 од Дисциплинскиот правилник.
