Машката ракометна репрезентација на Македонија осми пат по ред обезбеди пласман на Европските првенства, откако синоќа славеше над Литванија со 26:17 во последниот натпревар од квалификациите за континенталниот собир што ќе се одржи следната година.
Одличен во квалификацискиот циклус беше кружниот напаѓач Милан Лазаревски, кој по обезбедениот пласман им се заблагодари на навивачите за големата поддршка во СЦ „Јане Сандански“.
„Полно ми е срцето, немам зборови да го опишам чувството да се игра пред ваква публика. Горд сум што сум Македонец. Благодарност до сите и до целата нација“, рече Лазаревски.
Европското првенство во 2026 година ќе се одржи во три земји – Данска, Норвешка и Шведска.