Освојувачот на Европскиот куп, Алкалоид, ги претстави новите засилувања за следната сезона.
Во тимот предводен од селекторот Кире Лазаров пристигнаа седум нови ракометари, меѓу кои и двајца големи потенцијали и надежи на македонскиот ракомет.
Станува збор за левото крило и младински репрезентативец Давид Трајкоски, кој досега настапуваше за Прилеп, како и за голманот Ѓорѓи Николовски, кој има настапи за кадетската репрезентација на Македонија.
Трајкоски во претходните две сезони импресионираше со своите настапи во Суперл игатата, особено против клубовите од „голема петорка“. Прилепскиот дијамант кариерата ја започна во школата на Филип Вардар.
Николовски потекнува од школата на Куманово, а по заминувањето од родниот град настапуваше за младинските категории на Алкалоид и за вториот тим од Автокоманда, Мулти Есенс. Станува збор за вонсериски талент, кој беше меѓу најдобрите голмани на Европското кадетско првенство во Црна Гора.
Со Мулти Есенс ја освои титулата во младинската лига и беше прогласен за најдобар голман на Ф4 турнирот, а минатата сезона со Алкалоид дојде до златото и во кадетска конкуренција, каде што беше прогласен за најкорисен играч на завршниот турнир.
За останатите засилувања – Ненад Костески, Емилијан Ѓорговски, Урош Борзаш (Еурофарм Пелистер), Михаил Аларов (Вардар) и повратникот Михаил Иваноски, не треба да се трошат зборови.