Борјан Дамјаноски: Огромна чест е да се носи националниот дрес – чувството беше посебно и незаборавно

296

Машката младинска репрезентација на Македонија на Светското првенство во Полска не успеа да ги оствари зацртаните цели. Иако очекувањата на ракометарите, како и на домашната спортска јавност беа големи, особено по одличниот настап на Европското младинско првенство минатата година, сепак, избраниците на Раде Стојановиќ мораа да се задоволат со 25-место.

Младиот Борјан Дамјаноски во Полска го имаше својот дебитантски настап за репрезентацијата, беше единствениот интернационалец во редовите на „црвено-жолтите“, а првото појавување на едно големо натпреварување го опиша како посебно искуство.

„Искрено, тоа беше еден од најубавите моменти во мојата досегашна кариера. Да се најдеш на конечниот список за Светско првенство е нешто за што секој спортист сонува. Огромна чест е да се игра за Македонија и да се носи дресот на националната репрезентација. Чувството беше навистина посебно, мешавина од радост, возбуда и гордост. Бев горд на самиот себе затоа што вложив многу труд и посветеност за да стигнам дотука. Исто така бев многу среќен и поради тоа што мојата фамилија може да се гордее со мене. Тие секогаш биле моја поддршка, и ми беше важно и тие да бидат среќни и горди. Искрено, се надевав и верував дека ќе бидам меѓу тие 18 играчи, бидејќи работев многу напорно цела сезона и чувствував дека сум спремен да помогнам на репрезентацијата на вакво големо натпреварување.“

Иако дебитант, левиот бек самоуверено ја искористи својата минутажа и со голема мотивираност одговори на предизвикот на големата сцена.

„Генерално, сум многу задоволен од тоа како одиграв. За мене, ова Светско првенство беше прв голем Mундијал, што нормално донесе со себе малку позитивна трема. Но, мислам дека таа трема е нормална и дури корисна – значи дека ми е грижа и дека сакам да дадам сè од себе. Притисокот го чувствував, но повеќе како мотив отколку како кочница. Бев решен секоја минута што ќе ја добијам на терен да ја искористам максимално, и да придонесам колку што можам за тимот. Иако сум млад, сметам дека покажав зрелост и дека успеав да се вклопам добро во системот на игра. Знам дека секогаш има простор за напредок, но сум задоволен од своето издание, особено затоа што ми беше прво вакво искуство на светска сцена.“

Дамјаноски својот прв гол на големите натпреварувања го имаше на натпреварот против Мароко. 20-годишниот ракометар истакнува дека тој момент засекогаш ќе го памети.

„Тој гол ќе ми остане засекогаш во сеќавање. Тоа беше еден од моментите кои секој играч ги сонува, посебно кога настапуваш на Светско првенство. Првиот гол носи голема емоција и ми даде дополнителна сигурност и самодоверба. Чувството беше неверојатно – голема радост, гордост, но и некаков внатрешен мир дека припаѓам на тоа ниво. По тој гол, се чувствував послободно на теренот и охрабрен уште повеќе да ризикувам и да играм смело. Тоа се виде и во следните натпревари, каде што успеав да постигнам уште погодоци и да помогнам на тимот. Тој прв гол беше како клик во мојата глава, односно потврда дека сум подготвен за вакви големи натпреварувања.“

Репрезентацијата на Данска го освои златото во Полска, на второто место заврши Португалија, додека Фарските Острови ја освоија бронзата со победата над Норвешка. Според Дамјаноски, токму „фараните“ биле најголемото изненадување на младинскиот Мундијал.

„Данска и Португалија не ме изненадија многу. Тоа се репрезентации кои веќе неколку години прикажуваат одлична игра и се на самиот врв на светскиот ракомет. Имаат систем, имаат широчина во ростерот и секогаш се кандидати за медал. Но, најголемо изненадување за мене дефинитивно беа Фарските Острови. Никој не очекуваше тие да стигнат толку далеку, а камоли да освојат бронза. Уште повеќе затоа што дојдоа на првенството со вајлд-карта. Прикажаа голема борбеност, храброст и неверојатна екипна хемија. Тоа е убавината на спортот, што секогаш има простор за вакви убави приказни и изненадувања. И навистина ми е мило за нив, заслужија со играта што ја прикажаа.“

ФОТО: РФМ

Според Дамјаноски, прикажаното на Светското првенство во Полска треба да се гледа како лекција, но и како поттик за уште посериозна работа во иднина.

„Сите имавме поголеми очекувања. Од првиот ден во подготовките сонувавме за висок пласман, па дури и за медал. Целата екипа и стручниот штаб беа максимално посветени, работевме напорно, анализиравме противници, тактики…едноставно, бевме подготвени да дадеме сè. Но, спортот понекогаш знае да биде многу суров и неблагодарен. Имавме натпревари каде што едноставно не ни тргна, или малите грешки нè чинеа премногу. Сепак, иако завршивме на 25-то место, мислам дека покажавме дека имаме потенцијал и дека оваа репрезентација не е репрезентација која треба да се задоволи со Президент Куп, туку треба да се бори за повисоки позиции. Се надевам дека ова ќе ни биде лекција и поттик да работиме уште повеќе и да се вратиме посилни на следните натпреварувања.“

Играјќи во Грац, каде што има повеќе австриски младински репрезентативци, Дамјаноски забележува позитивен тренд на се поголеми вложувања во ракометот, па поради тоа Австрија од година во година бележи напредок и гради поквалитетни генерации.

„Мислам дека во Австрија сè повеќе се инвестира во младинските категории и тоа се гледа по резултатите на репрезентациите. Генерацијата што сега доаѓа е составена од многу талентирани и мотивирани играчи. Во Австрија, многу се работи на физичката подготвеност, техничките детали и тактичката дисциплина уште од млади категории. Се вложуваат средства во тренери, инфраструктура, и во модерни методи на тренинг. Секако, ракометот сè уште не е најпопуларниот спорт во Австрија, но резултатите на младинските и сениорската репрезентација се многу важни за да се подигне интересот. Се создава амбиент каде што младите играчи се мотивирани да останат во спортот и да работат на себе. Мислам дека ова е добар пат кој на долг рок ќе им донесе уште поголеми успеси.“

ФОТО: Robert Edegger

Настапот за младинската репрезентација му донесе важно искуство и уверување дека може да игра на големо ниво, а неговата најголема желба е еден ден да го облече дресот на сениорската репрезентација и да придонесе за голем успех на Македонија.

„Секако дека ми е голема желба еден ден да бидам дел и од сениорската репрезентација на Македонија. За мене, тоа би било остварување на сонот. Ќе продолжам да тренирам, да работам напорно и да се усовршувам како играч. Сакам со својата игра и со тоа што го давам на теренот да покажам дека заслужувам таков повик. Би ми било огромна чест повторно да го облечам дресот на Македонија, посебно на едно големо натпреварување. Најголема желба ми е еден ден да помогнам на сениорската репрезентација да постигне голем успех, можеби дури и да освоиме медал на големо првенство. Тоа би било исполнување не само на мојот сон, туку и на сонот на сите македонски навивачи.“

Македонецот е дел од младинскиот и сениорскиот состав на тимот од Грац, а пред него се отвораат нови опции за иднината. Дамјаноски открива какви се неговите планови и што е клучно за неговиот следен чекор во кариерата.

„Моментално сум во Грац и играм и за младинскиот и за сениорскиот тим, што ми помага многу во развојот како играч. Нови понуди има, но засега сè уште е рано да кажам каде ќе бидам следната сезона. Спремен сум да се вратам во Македонија, но само во квалитетни клубови кои имаат добри услови за работа и квалитетни тренери каде што би можел уште повеќе да се усовршувам како играч. За мене најважно е да изберам опција каде што ќе продолжам да се развивам и да добивам минутажа. Не сакам да брзам со одлуката, ќе размислам добро и наскоро ќе одлучам што е најдобро за мене и мојата кариера.“

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT