Една од младите ракометарки кои покажа впечатливи и квалитетни игри во изминатите три сезони во младинските категории во Македонија, но и на Европското кадетско првенство во Црна Гора (2025), е Елена Балоска, членка на поранешниот шампион на Македонија, ЖРК Вардар.
Стружанката, освен на кадетското континентално првенство во Подгорица, настапи и на Европскиот олимписки фестивал во Скопје, каде се најде меѓу 15-те најдобри стрелци.
Во интервју за клупскиот сајт на ЖРК Вардар, таа зборуваше за своите ракометни почетоци во родната Струга, за настапите во Вардар, репрезентативното искуство, МВП признанијата во Црна Гора, успесите со Стружанка…
Балоска истакнува дека носењето на македонскиот дрес е исполнување на еден од нејзините детски сонови.
„Беше голема чест да бидам дел од македонската ракометна репрезентација и да настапувам на Европското кадетско првенство во Црна Гора, искуство кое ќе го паметам целиот живот. Најсилното чувство беше огромната одговорност што ја носи настапот за својата држава, а веднаш потоа и гордоста, затоа што не е мала работа да го претставуваш македонскиот дрес на европска сцена. Секако, постоеше и притисок, но тоа е составен дел од врвниот спорт и дополнително ме мотивираше да го дадам најдоброто од себе. За мене, дресот на Македонија значи чест и обврска, но и остварување на еден детски сон. Признанијата како МВП ги гледам и како личен успех, но пред сè како резултат на тимската игра, затоа што без поддршката од соиграчките и стручниот штаб, ништо од тоа не би било возможно. Настапот за Македонија секогаш ќе биде најголемата мотивација и инспирација за мене“, вели Балоска.
18-годишната Балоска, која веќе се истакна како една од најталентираните млади ракометарки во Македонија, додава дека нејзината цел е секој ден да напредува, а за десет години се гледа на големата ракометна сцена.
„За 10 години се гледам како активна ракометарка на големата сцена, која сè уште игра на високо ниво и се натпреварува со најдобрите. Моја цел е постојано да напредувам, да го надградувам своето искуство и да бидам стабилен дел од силни клубови и натпреварувања. Многу ми е важно да останам дел од македонскиот ракомет и редовно да настапувам за репрезентацијата, затоа што тоа за мене претставува најголема чест. Верувам дека со континуирана работа, дисциплина и посветеност можам долго време да бидам на врвно ниво. Ракометот го гледам не само како спорт, туку како процес на постојан личен и професионален развој“, истакнува Балоска.
Целото интервју со Балоска на линкот во продолжение…
Балоска: Пристигнувањето во Вардар е остварување на детскиот сон