Женската кадетска ракометна екипа на Вардар првиот дел од сезоната го заврши со максимален учинок, пет од пет. Кадетките на Вардар станаа есенски шампиони во својата конкуренција, а една од најзаслужните за овој резултат на „црвено-црните“ е големиот талент Драгана Тодоровска, која во разговор за Спортска Димензија истакна дека патот до зацртаната цел воопшто не бил лесен.
„Многу сум задоволна од тоа како го одигравме првиот дел од сезоната. Искрено, верувавме во квалитетот што го имаме и очекувавме да победиме на сите натпревари, но секако ниту еден од нив не беше лесен. Најголем притисок ни создаде мечот со Металург Автокоманда, но благодарение на нашата тимска игра и големата желба за победа успеавме да излеземе како победници.“
Тодоровска, која игра на позицијата лево крило, на четири натпревари постигна 24 погодоци, што ја вбројува меѓу најдобрите десет стрелци во кадетската лига. Таа смета дека ваквата индивидуална форма е директен резултат на тимската игра и атмосферата во екипата.
„Сметам дека индивидуалната форма е директен резултат на тимската игра. Без поддршката од соиграчките и без довербата од тренерите, овие (24) погодоци не би биле можни. Кога знаеш дека тренерот верува во тебе, играш поопуштено и посигурно, а тоа многу значи на терен.“
Освен за пионерската, левото крило настапува и за сениорскиот тим на некогашниот шампион на Македонија.
„Да се биде дел од првиот тим на Вардар и да се носи „црвено-црниот“ дрес е огромна чест. Секако дека постои одреден притисок, бидејќи станува збор за голем клуб со традиција, но за мене тоа е пред сè дополнителна мотивација. Настапите со првиот тим ме мотивираат да работам постојано, да работам на себе и да го давам максимумот. Играњето и натпреварите со првиот тим многу ми помагаат побрзо да созреам како ракометарка, а играњето со и против поискусни и поквалитетни ракометарки ми дава можност да научам многу, и во техничка и во тактичка смисла.“
За Тодоровска, играњето во Вардар претставува остварување на детскиот сон, бидејќи, како што самата истакнува, вардаровиот дрес отсекогаш имал посебно значење за неа.
„Отсекогаш сум сакала да играм за Вардар, бидејќи тоа е големо име и клуб со богата традиција. За мене Вардар отсекогаш бил симбол на успех и чест, и кога се појави можноста да бидам дел од овој клуб, изборот беше јасен. Да се носи вардаровиот дрес е остварување на еден мој сон.“

Комбинирањето на обврските во кадетската и во сениорската конкуренција, како што истакнува Тодоровска, бара голема посветеност, дисциплина и жртва.
„Настапувањето и во кадетска и во сениорска конкуренција е многу интензивно. Покрај тренинзите, имаме и тактички анализи, подготовки и обврски надвор од салата. Ракометот одзема голем дел од секојдневието, па често морам да жртвувам слободно време, дружења и некои хобија. Сепак, тоа е дел од мојот развој како ракометарка и ја прифаќам оваа одговорност, затоа што знам дека тоа ми помага да напредувам и да станам подобар играч.“

Говорејќи за секојдневните обврски надвор од теренот, Тодоровска открива како изгледа еден нејзин типичен ден, исполнет со училишни и спортски активности, но и со постојана потреба за добра организација и баланс.
„Еден мој типичен ден е многу полн со обврски. Најпрво се посветувам на училишните задачи и обврските, потоа имам време за теретана, а по теретаната обично одам на училиште. Некои денови се такви кога после теретаната морам да одам и на два тренинзи, што го прави денот навистина интензивен. Ракометот е спорт кој бара многу жртвувања, па често морам да избирам приоритети и да направам компромис помеѓу слободното време, дружењето или другите обврски. Сепак, се трудам да останам организирана и да го дадам максимумот на сите полиња. Посветувам внимание на исхраната, но не многу строго или интензивно. Се трудам да јадам здраво и балансирано, да имам доволно енергија за тренинзите и натпреварите, но не следам никаков строг план. Се прилагодувам според потребите на денот и тренинзите.“
Посебна димензија во нејзината ракометна приказна има и семејната поврзаност, бидејќи Драгана ја дели соблекувалната и теренот со својата сестра Дона.

„Навистина е посебно да играм со мојата сестра Дона. Пред натпреварите понекогаш си разменуваме зборови за мотивација и поддршка, а по натпреварите зборуваме за тоа што сме направиле добро и што можеме да подобриме. Чувството да играм со сестра ми е многу пријатно, а бидејќи таа е постара, знае многу да ме насочи и да ми помогне да научам нови работи.“
Рефлектирајќи се на досегашниот тек од сезоната, левото крило есенскиот дел го оценува како многу успешен.
„Полусезоната досега ја гледам како многу успешна и полна со предизвици. Беше период во кој како тим напредувавме многу, и тоа главно благодарение на посветеноста и поддршката од нашите тренери.“

Нејзините одлични партии на клупско ниво не останаа незабележани од селекторите на Македонија, па така Драгана Тодоровска имаше можност да настапи на Европското кадетско првенство минатата година во Црна Гора, како и на ЕМОФ во Скопје.
„За секој вложен труд постои и награда, па така и за репрезентативниот дрес. Да го носиш дресот на Македонија за мене претставува голема одговорност, па затоа сметам дека секој играч уште од најмала возраст треба да се докажува и вложува во себе. Со помалите чекори кој го правам секој ден на тренинзите и натпреварите, во иднина се гледам во сениорскиот дрес како една од најголемите награди за посветеноста и трудот на една ракометарка.“