На пет кола пред крајот од Првата лига, тимот на Мулти Есенс е на чекор до кам-бек во елитата, бидејќи моментално ја држи лидерската позиција со 36 бода, исто колку што има и Младост Богданци, но тимот од Автокоманда е подобар во меѓусебните пресметки.
Првопласираниот обезбедува директен пласман во елитата, додека второпласираниот ќе игра суперлигашки бараж против претпоследнопласираниот од суперлигашкиот плеј-аут. Мулти Есенс минатата сезона играше бараж против Струга во Прилеп, но не успеа да се врати во најсилното домашно натпреварување од кое испадна во сезона 2023/24.
Овој тим, кој се состои од репрезентативци кои настапуваат во младинските национални селекции, во последните пет кола ќе се соочи со Јехона, Партизан Гевгелија, Текстилец, Вардар Неготино и незгодниот Драчево Јуниор, а доколку победи на сите натпревари, ќе ја освои титулата кај прволигашите.
Интересно ќе биде да се следи овој тим во Супер лигата, како и големиот број таленти со кои располага: Јулиан Матески, Немања Џигероски, Дарјан Ѓоќески, Матеј Тевдоски, Стефан Јорданов и други. Со речиси истиот состав, освен во Првата лига, тимот настапува и во младинската лига, а дел од ракометарите играат и за кадетскиот тим во тековната сезона.
Во младинската лига го држат лидерското место, додека во кадетската се лидери во групата А без загубен бод.
ТАБЕЛА – ПРВА ЛИГА
