Котевски за златната генерација на Прилеп: Талент, работа и дисциплина беа рецептот за успех

19

Еден од тренерите кои во својата кариера имаат освоено титула во кадетската лига, а во сезона 2018/19 биле вицепрваци во истото натпреварување, е прилепчанецот Адријано Котевски, тренер со репрезентативно и меѓународно искуство, чиј последен клупски ангажман беше во соседна Грција.

По завршувањето на обврските во грчки Аминтас, тој се врати во Прилеп, а во разговор за Спортска Димензија се присетува на успесите со тимот на Прилеп во периодот од 2017 до 2019 година, кога од клубот излегоа неколку репрезентативци во младинските национални селекции.

Кој беше рецептот за успехот за освојувањето на кадетската лига во сезона 2017/18?
„Рецептот е едноставен – ни требаа талент, работа и дисциплина. Се присетувам на тој период, кога РК Прилеп беше во тешка финансиска ситуација. И покрај сите тешкотии, особено проблемите со обезбедувањето сала, се работеше напорно и во текот на целата година редовно се одржуваа тренинзи. Морам да нагласам дека дел од децата кои во тој период беа дел од школата на РК Прилеп беа селектирани и од другите две школи во Прилеп – РК Макалоски и РК Филип Вардар. Така, најдоброто од прилепскиот младински ракомет беше споено во еден тим. Околу 20 деца, и покрај сите тешкотии, успеаја да стигнат до титулата на завршниот турнир во кадетската лига, а една година подоцна беа втори. Но, она што е најважно е дека од таа генерација и ден-денес има играчи кои настапуваат во Супер лигата, а дел од нив беа и репрезентативци на Македонија во младинските категории.“

Сезона 2018/19 – освоено вицешампионско место во кадетска конкуренција и настап во Супер лигата

„Истите деца во оваа сезона се натпреваруваа и во Супер лигата. Во исто време играа кадетска, младинска и Супер лига, што беше уште потешка ситуација и предизвик. Немаше поддршка од никого и моравме тие деца да ги вметнеме во сениорскиот тим и да играат во Супер лигата. Единствената поддршка што ја имаа беше од мене. Целта беше само една – да не згасне ракометот во Прилеп, бидејќи во тие моменти реално можеше да се случи и такво сценарио. Доколку не пријавевме екипа во Супер лигата, ќе бевме казнети и немаше да можеме да се натпреваруваме во ниту една категорија. Со завршувањето на 2019 година, квалитетот на тие играчи беше препознаен и од Кире Лазаров, па дел од нив беа ангажирани во КЛ7. Во тие години имав целосно разработена програма за развој на младинскиот ракомет, но, за жал, од некакви причини, или можеби затоа што на некого му сметаше, не беше дозволено таа програма да се реализира. Никој не се ангажираше да ги задржи тие играчи во Прилеп. Школите згаснаа, базата беше преполовена, се намали бројот на заинтересирани деца и со текот на годините стануваше сè потешко да се создадат сопствени играчи, односно готови производи од сопствената школа. За да има успех еден клуб, преку ноќ може да се создаде екипа ако има некој „лудак“ кој ќе „искешира“ голема сума пари. Но, таквиот успех е врзан со огромни финансии, а без квалитетна база, школи и разгранет систем, тешко е да биде одржлив на долг рок”, вели Котевски.

Младинските категории се огледало на клубот

,,За еден клуб најважни се младинските категории, бидејќи тие се огледалото на секој клуб. Како ќе функционираат младинските категории, така ќе биде препознаен и самиот клуб. Прилеп, на мое големо задоволство, денес е стабилен суперлигаш, еден од постабилните клубови, со добар ростер, финансии и управа. Сите што се вклучени во клубот мора да се ангажираат повеќе околу младинските категории да профункционираат на едно повисоко ниво, за да може повторно да се создаде генерација која ќе го повтори, но и ќе го надмине периодот што го имаше Прилеп од 2017 до 2019 година. Прилеп има силен капацитет за таков успех”, заврши Котевски.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT