Дуновска: Сребрениот медал е мотивација повеќе за уште поголеми успеси

87

Најдобриот голман од кадетскиот Ф4 од минатата година, Марија Дуновска, во следната сезона ќе биде дел од поранешниот шампион на Македонија, ЖРК Вардар. Младата голманка во таборот на „црвено-црните“ доаѓа од Стружанка, клуб со кој се натпреваруваше во кадетската лига, но и на сениорско ниво, односно во прволигашката конкуренција, каде што имаше забележителни партии.

По напорната сезона, во која освен на клупско ниво, Дуновска настапуваше и за националниот тим (кадетската репрезентација), во интервју за „Спортска Димензија“ вели дека сега конечно има малку време за одмор, да се посвети на приватните обврски, но и да помине драгоцено време со најблиските.

„Конечно имам малку повеќе време за одмор. Сепак, се трудам да останам активна и да не излегувам од тренажен ритам. Кога немам тренинг, најчесто сакам да излезам со другарките, да прошетам покрај езерото и да поминувам време со семејството. Тоа ми помага да се одморам и да се подготвам за новите обврски. Во текот на натпреварувачката сезона најмногу ми недостасуваше времето со семејството и пријателите, како и можноста малку повеќе да се опуштам.“

Талентираната голманка пред неколку месеци со кадетската репрезентација на Македонија го освои сребрениот медал на Светското првенство во училишен ракомет.

„Овој успех ми значи многу бидејќи е резултат на голем труд, посветеност и тимска работа. Освојувањето на сребрениот медал е огромна чест и претставува дополнителна мотивација да продолжам да работам уште повеќе и да се стремам кон уште поголеми успеси на клупско и репрезентативно ниво.“

Дуновска минатото лето во Подгорица имаше забележителни партии на Европското кадетско првенство, а имаше можност и да се сретне со легендарната голманка и поранешен освојувач на Светското првенство со Бразил, Барбара Аренхарт, во рамките на едукативниот настан „Почитувај го својот талент“, во организација на ЕХФ.

„Сметам дека во Црна Гора одигравме добро и покажавме карактер и борбеност. Секој натпревар беше ново искуство од кое научив многу. Секогаш има простор за напредок, но задоволна сум од вложениот труд и искуството што го стекнав. Едукативниот настан беше посебно искуство и голема чест. Имав можност да слушам совети од врвни спортисти и да научам колку се важни дисциплината, менталната сила и вербата во себе. Тоа се лекции што ќе ги паметам долго време.“

Времето поминато во струшкиот клуб го оценува како успешно, но и квалитетно, пред сè поради големото влијание врз нејзиниот развој, и како голманка и како личност.

„По неколку успешни сезони во Стружанка, донесов одлука следната сезона да ја продолжам кариерата во ЖРК Вардар. Благодарна сум за сè што научив и за поддршката што ја добив во Стружанка, бидејќи клубот имаше големо влијание врз мојот развој како голманка и како личност. Верувам дека трансферот во ЖРК Вардар ќе биде нов предизвик и важен чекор во мојот понатамошен напредок, а мојата цел останува иста – со многу работа, посветеност и дисциплина да продолжам да се надградувам и да постигнувам уште подобри резултати.“

Трансферот во ЖРК Вардар го оценува како правилен чекор.

„Моите очекувања се да напредувам како ракометарка, да придонесам за успесите на тимот и да учам од тренерите и поискусните соиграчки. Се надевам дека со многу работа и посветеност ќе оствариме добри резултати и ќе се бориме за највисок пласман.“

Дуновска минатата година беше прогласена за најдобар голман на кадетскиот Ф4 турнир, на кој Стружанка го освои среброто.

„Ова признание ми значи многу бидејќи претставува потврда дека трудот и посветеноста се исплатат. Сепак, не го гледам како крајна цел, туку како дополнителна мотивација да продолжам да работам уште повеќе и да се подобрувам.“

Стружанка низ годините изгради препознатлив пат за развој на младите ракометарки, а голем број од нив стигнаа и до националниот дрес. Дуновска смета дека зад секој успех стои правилната работа.

„Според мене, најважни се трудот, дисциплината и поддршката од тренерите и семејството. Кога младите спортисти имаат добри услови за работа и се посветени, тоа се гледа и преку нивните успеси.“

Младата голманка посебно го истакнува влијанието на тренерите во нејзиниот развој, не само во техничкиот, туку и во менталниот аспект.

„Тренерите имаат огромна улога во мојот развој. Покрај техничките работи, ме учат и како ментално да бидам силна. Советот што најмногу ми останал во сеќавање е никогаш да не се откажувам по една грешка, туку веднаш да продолжам понатаму.“

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT