Мишков: Пласманот на Ф4 е потврда дека се работи квалитетно

89

Кавадаречкиот тим Спортисимо Аква Мила оваа сезона за првпат се натпреваруваше во прволигашката конкуренција, каде што младите кошаркари од овој тим стекнаа драгоцено искуство и направија значителен исчекор во својот развој. За разлика од минатата сезона, кога клубот настапуваше во Втората лига, односно денешната Аматерска лига, оваа сезона донесе нови предизвици, но и нови успеси за кавадаречкиот колектив.

Покрај настапите во прволигашката конкуренција, тимот успеа да обезбеди место и на завршниот Ф4 турнир во М12 лигата, каде што беше единствената екипа од внатрешноста на Македонија. Останатите три учесници на Ф4 турнирот беа Работнички, Водно Санс и Вардар. Спортисимо групната фаза ја заврши како првопласиран во втората група, потоа во осминафиналето го елиминираше ТФТ, а во четвртфиналето Борец од Велес

За младите кошаркари ова беше прво големо искуство на ваков тип турнир, а според тренерот Стојанче Мишков, токму ваквите натпревари се најдобрата школа.

„Најнапред, можам да кажам дека како клуб сме задоволни од сезоната и од тоа што го постигнавме во сите категории. Нашата цел беше да создадеме континуитет, напредок кај младите играчи и да бидеме конкурентни на сите нивоа. Пласманот на Ф4 со М12 генерацијата е голем успех и потврда дека се работи квалитетно. Реакциите во Кавадарци беа навистина позитивни, бидејќи граѓаните препознаа колку труд, работа и љубов вложуваат децата и целиот клуб. Настапот на Ф4 турнирот во Скопје беше огромно искуство за нашите млади играчи. Како тренер сум горд на тоа како момците го издржаа притисокот и атмосферата на еден завршен турнир. За многумина ова беше прво вакво искуство и сметам дека покажаа карактер, борбеност и желба за докажување“, истакна Мишков.

Иако резултатите можеби не ја отсликуваат целосно играта на теренот (4-то место), Мишков смета дека неговиот тим имал свои добри моменти и дека ваквите натпревари се непроценливо искуство за младите категории на секој клуб.

„Мислам дека резултатската разлика не ја прикажува целосно реалната слика на теренот. Имавме добри моменти во двата натпревари, но во одредени периоди пресуди поголемото искуство и концентрација на противниците. Верувам дека можевме уште подобро да се спротивставиме, но токму ваквите натпревари се најголемата школа за младите играчиГенерално сум задоволен од играта на екипата. Имавме енергија, дисциплина и тимски дух, а тоа е најважно во оваа возраст. Секако, има простор за напредок и тоа е мотив повеќе за уште поголема работа во иднина. Имаме неколку поединци кои се истакнаа со својата борбеност, лидерски квалитети и кошаркарска интелигенција, што ни дава голем оптимизам за иднината. Но, најважно е што оваа генерација функционира како вистински тим и има одлична атмосфера.“

Според Мишков, настапите на вакви завршни турнири имаат огромно влијание за развојот на младите играчи, бидејќи токму таму учат како да се справат со притисокот.

„Ваквите завршни турнири се многу важни за развојот на младите играчи од Кавадарци. Тука учат како да се носат со притисок, со силни противници и со големи натпревари. Тоа искуство е непроценливо и многу значи за нивниот понатамошен развој.“

Тој порача дека клубот ќе продолжи со истата посветеност и работа, а целта е оваа генерација повторно да биде дел од завршниците во македонската кошарка.

„Главната лекција од овој Ф4 турнир е дека со работа, дисциплина и посветеност може да се стигне далеку, но и дека секој следен чекор бара уште повеќе труд. И ние како тренери, но и децата, добивме дополнителна мотивација за уште подобра работа. Следните цели за оваа генерација на Спортисимо Аква Мила се континуиран индивидуален и тимски развој, уште подобри резултати и повторно да бидеме дел од завршниците во македонската кошарка. Веруваме во оваа генерација и сигурни сме дека најдоброто допрва доаѓа.“

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT