БРАВО: Кадетите ја средија Хрватска и завршија на 5. место на Медитеранското првенство

111

Машката кадетска репрезентација на Македонија успешно го заврши настапот на Медитеранското првенство во Словачка (за играчи до генерација 2008) откако во натпреварот за 5. место триумфираше над Хрватска со 24:15.

Македонија во групната фаза ги совлада репрезентациите на Косово, Романија и Грција, а доживеа порази од Египет и Шпанија.

Избраниците на Горан Кузманоски во денешниот дуел со „коцкестите“ беа подобри во сите три третини, кои се играа по 15 минути. Нашите ракометари доминираа во текот на целиот натпревар, посебно во последните 15 минути, а во неколку наврати, ривалот ни со два играчи повеќе не можеше да го совлада одличниот голман Фехми.

Хрватска без својот најдобар стрелец Антишин немаше доволно сила да направи нешто повеќе на денешниот дуел, па Македонија рутински одработи во последниот период.

По настапот на Медитеранското првенство, кадетите ќе учествуваат на Светското првенство во училишен ракомет во Скопје, настап кој ќе се одржи во периодот од 22 до 28 април.

Овие настапи на кадетите се дел од подготвителниот период за Европското кадетско првенство во Србија. Кадетскиот континентален собир е на програмата од 29 јули до 9 август, а нашите надежи се во група со Словенија, Франција и Шведска.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT