Младите „лавици“ ќе играат во Супер лигата

96

Вториот тим на шампионот Ѓорче Петров го доби баражот против Пелистер и со убедлива победа од 24:17 обезбеди пласман, односно кам-бек во најквалитетното женско сениорско натпреварување во Македонија. Пелистер по елиминцијата се сели во Првата лига и ќе игра во друштво со Деспина, Овче Поле Славјански Универзитет, Стружанка, Јехона…

На неутрален терен во Радовиш, ракометарките од Ѓорче Петров одиграа квалитетно во двете полувремиња, особено во одбраната. Во првиот дел нивно главно оружје беа контрите и полуконтрите, а бековската линија успешно ги користеше создадените можности, па на пауза заминаа со убедлива предност од 15:9.

Во првите 30 минути битолчанки тешко доаѓаа до чисти позиции за шут. Најрасположена во редовите на Пелистер беше кадетската репрезентативка Анастасија Тодоровска, која во првиот дел имаше максимален ефект од пет погодоци од исто толку обиди.

Пелистер ја подобри играта на стартот од второто полувреме и со головите на Тодоровска, Шиниковска и Елмазовска намали на 15:12. Сепак, ракометарките на МРК Ѓорче Петров не дозволија резултатска неизвесност, успешно го одбија налетот на битолчанки и во последните дваесетина минути рутински ја контролираа играта за лесен пласман во Супер лигата.

Најдобри стрелци во тимот на Велкова беа Сара Ристовска, Кристина Наумовска и Тара Аврамоска, сите три со по четири погодоци, а голманките Илиоска и Гошевска искомбинираа десет интервенции.

Кај Пелистер најефикасна беше Анастасија Тодоровска со шест погодоци, а Симона Спиркоска натпреварот го заврши со седум одбранети удари.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT