Екипата на Младост од Богданци го доби баражот против Струга со 25:22 (11:10) и успеа да ја оствари зацртаната цел за оваа сезона – пласман во македонската елита.
Младост последен пат беше дел од суперлигашкото друштво во сезоната 2020/21, а сега, со зголемени амбиции, клубот од југоистокот повторно ќе се натпреварува со најдобрите во Македонија.
Струга, која беше претпоследна на табелата во суперлигашкиот плеј-аут, по поразот во баражот се сели во Првата лига. Директен пласман во Супер лигата обезбеди Мулти Есенс како првопласиран од прволигашката конкуренција.
Херој на Младост беше голманот кој дојде како засилување за бараж дуелот, искусниот интернационалец од Србија, Живојин Илиќ, кој натпреварот го заврши со дури 17 интервенции.
По големата борба, со многу грешки и исклучувања, избраниците на Андоновски комплетната разлика ја направија во последниот период, кога целосно ја пробиваа противничката зона и лесно стигнуваа до реализација.
Најефикасен во победничкиот табор беше Даниел Андоновски со шест погодоци, а кај Струга се исткана Филип Мечкароски, исто така со шест реализации.