Ресенчани по петти пат играа во чест на Зоки, Були и Котле

123

Ресен и оваа година покажа дека споменот на своите ракометни легенди живее. Во спортската сала „Зоран Стојановски“ по петти пат се одржа традиционалниот меморијален настан под мотото „РК Преспа за Зоки, Були и Котле“, посветен на Зоран Стојановски – Зоки, Булент Ибрахим – Були и Илче Котевски – Котле.

Меморијалниот настан уште еднаш ги обедини поранешните и сегашните ракометари, тренери, спортски работници и бројни љубители на ракометот од Ресен. Во рамки на настанот беше одигран традиционалниот ревијален натпревар, во кој силите ги одмерија ветерани и поранешни соиграчи на Зоки, Були и Котле против актуелниот тим на Преспа, засилен со ракометари кои денес настапуваат во Супер лигата, како и во клубови во странство, а во минатото го носеле дресот на ресенскиот клуб.

На паркетот повторно се најдоа бројни познати имиња, меѓу кои и актуелните ракометари – Ален Ќосевски, Бојан Поповски, Томче Трајчевски, Мартин Карапалевски, Горан Крстевски, Ласко Андоновски…

Во рамки на меморијалниот настан беа упатени специјални честитки до Владо Недановски, како и до Дејан Кукуловски и Ален Ќосевски, кои минатата сезона со Охрид го освоија трофејот во ЕХФ Европскиот Куп.

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT