Прволигашот Овче Поле во претстојната сезона ќе влезе со амбиции за подобар пласман во Првата лига. Покрај првото засилување – Филип Петровски, клубот успеа да го задржи и својот лидер и капитен, Кристијан Стаменков.
Според нашите информации, иако за Стаменков имаше неколку понуди, тој одлучи да остане верен на матичниот клуб и да ја продолжи својата приказна во дресот на Овче Поле.
Во изминатата сезона капитенот беше еден од најдобрите поединци во тимот. На 18 одиграни натпревари постигна 90 погодоци, потврдувајќи ја својата важност во играта на клубот од Свети Николе.
,,Еден од столбовите на екипата и човекот кој со години ја предводи нашата приказна на теренот, Кристијан останува верен на клубот. Со својата пожртвуваност, борбеност и капитенски дух, тој продолжува да биде пример како се брани грбот на клубот и како се игра со срце за боите што ги претставуваш”, напишаа од Овче Поле.