Македонскиот интернационалец Димитар Узунчев, кој оваа сезона се пресели во Словенија, поточно во редовите на некогашниот европски првак Целје, се најде меѓу 16-те избрани играчи за вечерашниот дуел против Алборг, во рамките на 5. коло од Лигата на шампионите.
Узунчев пред извесен период се врати на терените по малата повреда, а вечерва најверојатно ќе добие шанса да ги покаже своите квалитети во најквалитетното европско клупско натпреварување. За Узунчев ова ќе биде прв настап во Лигата на шампионите, откако ги пропушти претходните четири натпревари.
Гевгеличанецот има искуство со настапи во европските клупски натпреварувања како член на Бутел Скопје, со кој играше во Европскиот Куп – третото по ранг европско клупско натпреварување.
Целје во досегашниот тек од сезоната не освои бод во Лигата на шампионите, па вечерва ќе се обиде да ја прекине негативната серија, иако Алборг е голем фаворит.
Натпреварот меѓу Алборг и Целје стартува од 20:45 часот.
