Амбициозниот прволигаш Младост Богданци полека влегува во завршната фаза од подготовките за новата сезона, во која ќе посакува да се врати во елитата.
Од клубот информираа дека планираното засилување, кружниот напаѓач Никита Соколов нема да пристигне во Македонија.
Белорусинот поради административен проблем не успеа да ја напушти својата татковина, па раководството на Младост Богданци е во потрага по нов пикер.
Паралелно со сениорскиот, во завршна фаза влегува и кадетскиот тим на клубот, а познато е дека од Богданци секогаш излегуваат репрезентативци во младинските категории.
Младост Богданци во новата сезона ќе биде предводен од искусниот стратег Горан Андоновски. Покрај новиот тренер, нови играчи во тимот се Кристијан Костадиновски, Даниел Андоновски, Гоце Аргиров, Никола Димитров, Зоран Стојановски и Лазар Адамовиќ.
Клубот за темпирање на формата ќе одигра неколку пријателски натпревари со Еурофарм Пелистер 2, Радовиш, Куманово…