Кошаркарскиот клуб Овче Поле во новата натпреварувачка сезона ќе биде дел од Првата лига (довчерашна Втора) и за настап во прволигашкото друштво создаде конкурентен тим.
Раководството на клубот претходниот период беше во трансфер-офанзива, и ги договори Паоло Блажевски, син на легендарниот македонски кошаркар Перо Блажевски, Михаил Стерјовски, Бојан Николовски, Енис Каришиќ, Петар Прентовиќ, играчите со меѓународно искуство – Стефан Донаковски и Алек Ѓоргиевски, како и интернационалецот од САД, Натаниел Семедо.
Токму трансферот на Семедо, кој во минатата сезона играше за Фичбург Стејт Универзити во НЦЦА Д3 лигата и беше меѓу најдобрите во споменатата лига, ги потврдува високите аспирации на Овче Поле, па ќе биде интересно да се следи овој проект.
Од минатата сезона, клубот ги продолжи договорите со Марко Здравковиќ и Дамјан Трифуновски, а во новата сезона сениорскиот тим ќе го води Николчо Струков, додека за младинските категории ќе биде задолжен Душан Петров.
Со комбинација од младост и искуство, Овче Поле создаде тим кој сигурно ќе биде тврд орев за посилните прволигаши.
Ова значи дека кошарката во Свети Николе се крева едно скалило погоре, љубителите ќе имаат можност да гледаат квалитетни натпревари, а интересот за кошарката несомнено ќе се зголеми кај најмладата популација.