Екипата на Овче Поле Славјански Универзитет на три одиграни натпревари во прволигашката конкуренција кај дамите оствари две победи, триумфираше над Стружанка и Шампион.
Една од најзаслужните за обезбедените 4 бода на тимот од Свети Николе беше Анастасија Сентовска, која во разговор за Спортска Димензија даде свое видување за досега сработеното и го најави утрешниот дуел со младиот тим на Јехона.
„Секако дека секогаш постои простор за подобрување, но треба да се има предвид дека сè уште е почеток на сезоната. Ние сме во процес на темпирање на формата и целосно комплетирање на екипата. Јехона е нов клуб кој оваа сезона дебитира на сениорско ниво. Составени се од комбинација на искусни ракометарки и млади таленти, што ги прави сериозен и незгоден ривал. Сепак, ние секогаш одиме на победа и верувам дека со максимален ангажман можеме да стигнеме и до третата победа.“
Според Сентовска, Овче Поле Славјански Универзитет има квалитет да се бори за висок пласман во Првата лига.
„Сè уште е рано да се зборува за фаворити, одиграни се само три кола. Сезоната е долга и многу нешта можат да се променат. Она во што сум сигурна е дека нашата екипа има квалитет да се бори за висок пласман и верувам дека можеме да бидеме меѓу најдобрите.“
Младата ракометарка моментално е предводник на листата на стрелците, на три одиграни натпревари постигна 28 погодоци.
„Убаво е кога бројките покажуваат дека си меѓу најдобрите, но тоа е резултат на тимската игра. Ракометот е колективен спорт и за мене најважно е екипата да победува, а личната статистика ја гледам само како дополнителна мотивација да бидам уште подобра, но не и како приоритет.“
Сентовска игра на позиција десно крило, но може да одигра и како десен бек, а тоа го гледа и како предност и предизвик во играта.
„Тоа е предизвик, затоа што секоја позиција бара различен стил на игра. Но јас сум подготвена да ја прифатам секоја улога која ќе биде потребна за тимот. Верувам дека можам квалитетно да одиграм и на двете позиции. Тоа за мене е голема предност и шанса за напредок.“
Поранешната кадетска репрезентативка оваа сезона не настапува само на теренот, туку и започнува ново поглавје во својот живот – студентско.
„Оваа година сум стипендистка на Славјанскиот Универзитет. Сè уште не сме започнале со предавања, но верувам дека нема да имам проблем паралелно да посветам време на ракометот и на факултетот, бидејќи секогаш сум сакала предизвици и тоа ми давало поттик и мотивација да бидам подобра во тоа што го работам и сакам.“
Натпреварот меѓу Овче Поле Славјански Универзитет и Јехона ќе се одигра утре од 14:00 часот во Гостивар.