Мишков: И покрај тоа што сме аутсајдери, одиме на победа на секој меч

213

Поради одржувањето на локалните избори беше одложен стартот на новата сезона во Првата кошаркарска лига (довчерашна Втора лига). Прволигашите сезоната ќе ја стартуваат утре, 20 октомври, а еден од учесниците е тимот на Спортисимо од Кавадарци.

Спортистимо, кој статусот на учесник во Првата лига го доби преку специјална покана, оваа сезона за првпат ќе настапува во прволигашката конкуренција, а во тимот владее голема возбуда и мотивација пред стартот на првенството.

Со Стојанче Мишков во двојна улога – како тренер и играч, тимот на Спортисимо тргнува во нова сезона исполнета со ентузијазам и младешка енергија.

„Нова сезона – нов почеток, иста страст…Со гордост ви ја претставуваме нашата екипа, младa, но срцев колектив составен од талентирани кошаркари од Кавадарци на возраст од 15 и 16 години, поддржани од неколку искусни играчи кои им се пример и поддршка во секој чекор. Мисијата на Спортисимо е јасна, да создаваме, да градиме и да инспирираме. Со трпение и работа сакаме нашите млади надежи да се развиваат, напредуваат и еден ден да станат имиња на кои ќе се гордееме, не само како клуб, туку и како град“, вели Мишков.

Првиот натпревар, кој ќе го одиграат во понеделник против Овче Поле, ќе биде вистински предизвик за младите кошаркари на овој тим.

„Овој понеделник не очекува тежок предизвик, во првото коло играме на домашен терен против екипата на Овче Поле, составена од искусни и квалитетни кошаркари, засилена со американски играч и со јасна цел – пласман во Супер лигата“, додаде Мишков.

Тој вели дека е свесен дека тимот ќе ја има улогата на аутсајдер, но тоа нема да биде никаква пречка младите да покажат колку можат.

„Свесни сме дека на хартија не сме фаворити, дека сме аутсајдери, но тоа не нè обесхрабрува. Спортисимо е екипа која, без разлика кој е ривал, секогаш цели кон победа и успех“, потенцира Мишков.

Мишков упати порака до сите љубители на спортот во Кавадарци за утрешното соочување со клубот од Свети Николе.

„Ги повикуваме кавадаречките љубители на спортот, сите што веруваат во младоста и во иднината, дојдете да не поддржите. Вашата поддршка значи многу за овие момци. Заедно пишуваме нови страници во приказната на кавадаречката кошарка“, заврши Мишков.

Натпреварот меѓу Спортисимо и Овче Поле ќе се одигра утре во спортската сала „Јасмин“, со почеток во 21:00 часот.

 

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT