Иако амбициозно влезе во новата сезона, тимот кој минатата сезона го освои второто место во Женската лига и оствари одлични резултати во младинските категории, ЖРК Металург Автокоманда, поради финансиските проблеми, заврши неславно.
Женската лига продолжува со една екипа помалку, односно со седум тима, што значи дека последнопласираниот состав од најквалитетното женско сениорско натпреварување ќе игра суперлигашки бараж против второпласираниот тим од Првата лига.
Освен што е исклучен од лигата, клубот заработи и парична казна, а казна има и за одговорното лице на клубот.

Металург Автокоманда есенскиот дел од суперлигашката конкуренција го заврши на второто место, иако имаше ист број бодови со лидерот и актуелен шампион Ѓорче Петров. Сепак, „лавиците“ станаа есенски шампиони поради победата во втората меѓусебна пресметка. По завршувањето на првиот дел од тековната сезона, започна и одливот од Металург Автокоманда, најпрво клубот го напуштаа сениорките, а потоа и играчите кои настапуваа во младинските категории.