Ракометна Македонија од следната сезона ќе биде побогата со уште еден нов клуб. По активирањето на ракометната школа во Валандово, односно враќањето на ракометот во оваа Општина, сега и на истокот на земјата се појавува нов ракометен проект.
Станува збор за Феникс од Радовиш, проект кој најавува нова енергија во овој град. Во наредниот период се очекува да бидат познати и конкретните планови на клубот. Дали фокусот ќе биде ставен на младинските категории или, пак, ќе се формира и сениорски тим кој би се натпреварувал во прволигашката конкуренција.
Зад овој проект стојат добро познати имиња од радовишкиот ракомет. Меѓу нив е и довчерашниот капитен на Радовиш, Здравко Постолов, како и тренерите Спасе Ѓорѓиев и Александар Долдуров.
Меѓу основачите се и Игор Соколов и Љупчо Ѓорѓиев, што дополнително навестува сериозен пристап и јасна визија за развој.
Феникс веќе ги направи првите чекори со активирање на својата официјална страница на социјалната мрежа Фејсбук, преку која најверојатно ќе ја информира јавноста за сите идни активности.