Екипата на КК Гевгелија славеше во „мајсторката“ пред својата публика против Шар Планина и обезбеди пласман во Првата лига.
Овие две екипи беа најдобри во Аматерската лига (довчерашна Втора лига), а по израмнетата финална серија, победникот беше решен во решавачкиот натпревар.
Гевгеличани, со силна поддршка од трибините во спортската сала „26 април“, за нијанса беа подобри од клубот од Гостивар, славеа со 67:56 и заслужено изборија пласман во прволигашката конкуренција.
За најјужниот град во Македонија ова е втор кошаркарски успех за отприлика еден месец, откако и кошаркарките на Гевгелија ја освоија Првата лига и наредната сезона ќе се натпреваруваат со најдобрите домашни клубови.
Тука е и Кожув, кој веќе настапува во домашната елита, па така кошаркарската публика во Гевгелија ќе ужива во квалитетни натпревари во три сениорски конкуренции наредната сезона.