Екипата на Охрид го освои трофејот во Европскиот Куп, откако и на реванш натпреварот од финалето беше подобра од Татабања.
Охриѓани на првиот натпревар во Унгарија триумфираа со 29:28, а на реваншот во преполната СРЦ „Билјанини Извори“ со одлична игра во второто полувреме стигнаа до убедлива победа од 31:25 и до својот најголем успех во клупската историја.
Дел од овој историски успех на Охрид се и двајцата ресенчани, десното крило Ален Ќосевски и левиот бек Дејан Кукуловски.
Ќосевски и Кукуловски со европскиот трофеј се впишаа во истото друштво со Владо Недановски, како ресенчани кои се искачиле на европскиот ракометен врв во едно од натпреварувањата под капата на ЕХФ.
Недановски како член на Вардар двапати ја освои Лигата на шампионите, во сезоните 2016/17 и 2018/19.
Кукуловски по две сезони поминати во Охрид ќе има нов предизвик, најверојатно повторно ќе стане интернационалец.