Репрезентативецот на Македонија, Филип Кузмановски, ќе има кратка авантура во Кувајт.
Популарниот Фитиљ е ангажиран од страна на Кувајт Сити за настап во Азиската Лига на шампиони, која годинава ќе се игра во Кувајт во периодот од 6 до 15 јуни.
Во групната фаза, Кувајт Сити ќе се соочи со Ал-Араби од Катар, Ал-Најма од Бахреин и Ал-Калејџ од Саудиска Арабија, а првиот предизвик за Кузмановски и неговите соиграчи ќе биде токму катарскиот Ал-Араби.
Тимот на Ал-Араби е предводен од поранешниот селектор на машката младинска и сениорска репрезентација на Македонија, Данило Брестовац.
Победникот на ова натпреварување ќе обезбеди место на Супер Глоуб турнирот – неофицијалното Светско клупско ракометно првенство, додека актуелен бранител на титулата е Шарџа од Обединетите Арапски Емирати.