Со оглед на тоа што Македонија нема директно место во Лигата на шампионите, новиот шампион Вардар ќе аплицира за вајлд-карта за настап во најквалитетното европско клупско натпреварување.
Доколку ја добие, а шансите за тоа се големи ако се земат предвид популарноста на ракометот во Македонија, редовно исполнетата сала „Јане Сандански“ на европските натпревари, богатата историја на „црвено-црните“, резултатите од изминатата сезона, квалитетот на играчкиот кадар и организацијата на клубот, Вардар ќе стекне право да пријави и екипа во младинската Лига на шампиони, позната под името „EHF Youth Club Trophy“.
Во претходните две сезони, во младинската Лига на шампиони, во која настапуваат ракометари до 18 години, право на учество имаа исклучиво клубовите чии сениорски екипи беа дел од европската елита, најверојатно тоа правило ќе остане и за наредната сезона.
Македонски претставник во двете досегашни изданија беше Еурофарм Пелистер. Битолчани во премиерната сезона на натпреварувањето оставија силен впечаток – најпрво успешно ги минаа квалификациите во Букурешт, таму го освоија првото место во конкуренција со Динамо Букурешт и Келце, а потоа обезбедија пласман на завршниот Ф4 турнир во Келн, каде што го освоија четвртото место.
Во штотуку завршената сезона, Вардар оствари солидни резултати во младинските категории на национално ниво. Кадетите на „црвено-црните“ групната фаза ја завршија на второто место во својата група, со 12 победи и само два порази, а во четвртфиналето беа елиминирани од Охрид.
Пионерите на Вардар исто така стигнаа до четвртфиналето. Завршија на четвртото место во својата група, со десет победи, две ремија и четири порази, додека во борбата за пласман на Ф4 турнирот беа елиминирани од Еурофарм Пелистер 2.
Младинците настапуваа во плеј-аут сегментот од младинската конкуренција и сезоната ја завршија со шест победи.