Целје потврди: Димитар Узунчев е нов член

132

Гевгеличанецот Димитар Узунчев и официјално е нов член на словенечкиот шампион Целје, клуб кој со години важи за една од најдобрите средини во Европа за развој на млади ракометари. 20-годишниот десен бек по одличните настапи во изминатите две сезони во дресот на Бутел Скопје, каде настапуваше како позајмен играч од Алкалоид, го привлече вниманието на неколку клубови а најголем интерес покажа освојувач на Лигата на шампионите во сезона 2003/04.

,,Потпиша соработка со Целје до 2028 година со можност за продолжување, а број 10 ќе го носи на тернот”, напишаа од Целје.

Димитар потекнува од ракометната школа на Партизан Гевгелија, каде уште од најрана возраст заедно со својот брат Тодор важеа за едни од најталентираните играчи од генерацијата 2004/05. Во домашното првенство прерасна во еден од најперспективните млади десни бекови, а беше само прашање на време кога ќе направи трансфер во странство.

Ракометниот динамит од југот на репрезентативно ниво беше дел од кадетската и младинската репрезентација на Македонија. Неговите одлични настапи му донесоа и место на поширокиот список кај селекторот Кире Лазаров, како потврда за неговиот континуиран напредок.

На Светското младинско првенство во 2025 година се најде меѓу најистакнатите играчи, завршувајќи во ТОП 10 стрелците со 49 погодоци од 71 обид. Во оваа сезона постигна 134 погодоци на 31 натпревар во најквалитетното домашно натпреварување

 

*Целје доби валјд-карта за настап во Лигата на шампионите, па Узунчев ќе заигра и против најдобрите европски екипи.

SPORT