Машката сениорска репрезентација на Македонија денеска го имаше собирот пред стартот на квалификациите за Европското првенство 2026. Селекторот на Македонија, Кире Лазаров, откри зошто искусните Никола Митревски и Филип Талески ги нема на списокот за првите два квалификациски натпревари.
„Можам да кажам дека започнавме процес на подмладување во репрезентацијата, и како минува времето, треба да се доврши. Се појавуваат нови и млади играчи, играчи кои во своите клубови покажуваат квалитет, имаат добри партии и кои ги носат своите клубови во квалитетни победи со добри ривали. Ние од никого не се откажуваме, напротив, потребни ни се сите играчи, но радува фактот што имаме можност да бираме. Сите ќе бидат во комбинација за настап на Светското првенство 2025. Што се однесува до Митревски, мислам дека имаме млади голмани што треба да добијат шанса, да видиме како ќе се однесуваат кога ќе имаат поголема одговорност, кога ќе знаат дека позади нив не е голман од типот и од квалитетите на Митревски. Сакам да видам како тоа ќе изгледа на овие два меча. Што се однесува до Филип Талески, знаеме дека е тој квалитетен и добар играч, но и знаеме дека тој во последно време не покажа доволно квалитет на натпреварите на кои играше во дресот на репрезентација, и затоа се решив во овој момент да дадам прилика на други играчи како Павле Атанасијевиќ, можеби малку и ќе го смениме концептот. Сега се одлучив така, но не значи дека во иднина нема да биде повикан“, вели Лазаров.
Македонија првиот квалификациски натпревар ќе го одигра на 6 ноември против Естонија дома, додека на 10 ноември ќе гостува кај Литванија. Освен двете земји од Балтикот, Македонија за ривал во квалификациите ја има уште репрезентацијата на Словенија.