Младост ги „пали моторите“ за една недела

212

Повратникот во Супер лигата, Младост, подготовките за новата сезона и големиот предизвик во елитното друштво ќе ги започне на 27 јули. Клубот од Богданци преку бараж успеа да обезбеди враќање во најквалитетното домашно натпреварување, каде што последен пат настапуваше пред неколку сезони, а раководството во меѓувреме активно работеше на засилување на играчкиот кадар.

На клупата останува Горан Андоновски, стратегот кој го врати Младост во суперлигашкото друштво. Во пресрет на новата сезона пристигнуваат неколку нови имиња. Нови членови на Младост се Владимир Бојаниќ (Охрид), Ахмед Мајдуб (Струга), Славе Јанковски (Радовиш), Тодор Узунчев (Бутел), Мартин Иванов (Куманово) и Благој Панов (Тиквеш).

Воедно, како признание за нивниот досегашен придонес и развој, клубот ги награди Мартин Стојковски, Никола Тасев и Методи Младеновски со професионални договори. Херојот од баражот, искусниот голман Живојин Илиќ, ќе го продолжи престојот во Богданци, откако со клубот договори нова соработка.

Од клубот си заминаа Кристијан Костадиновски, Никола Димитров, Лазар Адамовиќ, Богдан Николиќ и Жоао Диас Гекас.

Првиот домашен меч во 2. коло

Според првичниот распоред за новата сезона, првиот домашен натпревар богданчани ќе го одиграат во 2. коло, кога ќе го пречекаат амбициозниот состав на Прилеп. Сезоната, пак, ќе ја отворат со гостување во Скопје против Бутел, тим што во претстојната сезона ќе биде предводен од легендарниот Стојанче Стоилов.

Изминатата сезона „Млаз“ не знаеше за празни трибини

Во сезоната зад нас, салата „Млаз“ често беше претесна да ги прими сите љубители на спортот. На трибините редовно се создаваше фантастична атмосфера, каква што ретко се гледа и на дел од суперлигашките натпревари. Поддршката од верните навивачи беше еден од главните адути на Младост, па секој противник што ќе гостува во Богданци ќе биде пречекан пред полни трибини и во вистинска ракометна атмосфера.

Владимир Бојаниќ најголемо засилување

Најголемото засилување, барем засега, во редовите на Младост е искусниот Владимир Бојаниќ. Корпулентниот пивотмен, кој неодамна доби и македонски пасош, во тимот на Андоновски пристигнува од Охрид, каде што настапуваше од сезона 2022/23, по трансферот од турски Бешикташ. Високиот 205 сантиметри пивотмен зад себе има богато искуство. Во кариерата го има носено дресот и на познатиот словенечки клуб Горење Велење. Со Охрид во изминатата сезона го освои трофејот во ЕХФ Европскиот Куп, што беше најголемиот историски успех за ,,гладијаторите”.

Учество на меморијалниот ракометен турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп

Дел од подготовките Младост ќе ги мине во Прилеп, каде што ќе учествува на турнирот „Миле Нешкоски“ од 20 до 23 август. Тимот од Богданци е дел од групата А, заедно со домаќинот и уште еден повратник во Супер лигата – екипата на Мулти Есенс.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT