Во новата натпреварувачка сезона во Првата машка ракометна лига ќе се натпреваруваат 14 екипи, од кои две ќе бидат дебитанти.
Станува збор за новите ракометни клубови РК Сокол Саса од Македонска Каменица и РК Илинден, клуб кој е основан од неколку македонски репрезентативци.
Особено внимание привлекува Сокол Саса, со оглед на тоа што Македонска Каменица за првпат има ракометен клуб, кој одлучи во дебитанската сезона да биде дел и од Првата лига, со што ракометот добива нова средина во источниот дел од нашата држава.
Со појавувањето на Сокол Саса, младите во Македонска Каменица ќе добијат уште една можност за спортски избор, но и простор каде ќе можат да ги развиваат своите таленти, да создаваат нови пријателства и да ги негуваат вистинските спортски вредности.
Во штотуку изминатата сезона, љубителите на спортот во Македонска Каменица имаа причина за славје, бидејќи ЖКК Баскет Кам, пред својата публика, го освои Куп трофејот, 4-ти во својата клупска историја.