Еден од повратниците во Супер лигата, тимот на Младост Богданци, сезоната ќе ја стартува со гостување во Скопје кај Бутел.
Тимот од Богданци на турнирот во Прилеп се сретна со Бутел, но утрешниот натпревар ќе биде сосема поинаков предизвик и прв вистински тест за Младост во најквалитетното домашно натпреварување.
Тренерот на Младост Богданци, Горан Андоновски, со респект зборува за утрешниот противник, но верува дека неговиот тим може да биде конкурентен и да се надигрува со поголемиот дел од екипите во лигата.
„Бутел е одличен тим, комбинација од искусни и цврсти играчи, предводени од голманот Чанески и капитенот Ѓеоргиевски, но и млади, перспективни кадетски и младински репрезентативци, предводени од легендата Стоилов. Многу се работеше летово, на пеколни температури во Богданци. Мислам дека успеавме да склопиме конкурентна суперлигашка екипа, која ќе биде тврд орев за сите преостанати екипи, освен првите четири, кои сепак се пресилни и преквалитетни, со огромни буџети. Нашата цел е опстанок и на тоа сме фокусирани, меѓутоа на сите натпревари одиме на максимум“, истакнува Андоновски.
Натпреварот меѓу младиот тим на Стојанче Стоилов и тимот на Младост ќе се игра утре од 12:00 часот во спортската сала „Антон Димитров“ во Бутел, а влезот за сите љубители е слободен.