И покрај елиминацијата на Вардар од италијанскиот Бриксен во второто коло од ЕХФ Европскиот Куп, капитенот на „црвено-црните“, Леона Миленкоска, се наоѓа меѓу ракометарките со најдобра реализација по одигрувањето на оваа фаза од натпреварувањето.
Миленкоска на двата натпревари во Италија постигна 14 гола од вкупно 16 обиди, што претставува одлични 87,5% успешност на реализација. На првиот дуел, левото крило го доби признанието за најкорисен играч (МВП) на натпреварот.
Членката на Вардар ја продолжи одличната форма од минатата сезона и во актуелната, каде што моментално се наоѓа меѓу десетте најдобри стрелци. Миленкоска на пет натпревари во најквалитетното домашно сениорско натпреварување постигна 27 погодоци.