Екипата на Овче Поле Славјански Универзитет продолжува со победничките настапи во прволигашката конкуренција. Во натпревар од 5. коло, тимот од Свети Николе славеше на гостувањето кај Јехона во Гостивар со убедливи 51:14.
Гостинките против кадетско-пионерскиот состав на Јехона, кој се натпреварува и во сениорска конкуренција, одиграа убедливо и уште од самиот почеток ја наметнаа својата игра.
Овче Поле Славјански Универзитет поведе со 16:1, а до крајот на натпреварот постигна уште 35 гола за убедлив триумф.
Победничката екипа ја предводеа Анастасија Сентовска и Јована Ангеловска, кои постигнаа по десет погодоци. Во редовите на Јехона, талентираната Алтина Хасани беше најефикасна со седум гола.
На табелата, Овче Поле Славјански Универзитет останува на првото место, сега има 10 бода.