Екипата на Мега баскет од Прилеп во натпревар од 8. коло од второлигашката конкуренција на свој терен славеше против Борец од Велес со 78:69 (15:12, 19:23, 25:19, 19:15).
По киксот во Скопје кај Бутел, прилепскиот тим бргу се консолидира, најпрво го совлада Црн Дрим, па потоа дојде и победата над Борец за петто сезонско славје.
Гостите од Велес беа подобри само во втората четвртина, сѐ останато мина во знакот на домаќините. Предводник во победничката екипа беше Стефан Јаневски со 18 поени, Иван Кузманоски уфрли 16, еден помалку имаше Благој Велески (15), а Кристијан Домлески зад своето име запиша 11 поени. Во таборот на Борец баскет најдобар поединец беше Сергеј Петровиќ со 18 поени.
Иако до крајот на натпреварувачката сезона има уште многу да се игра, многу веројатно е дека само нијанси ќе одлучуваат за место меѓу најдобрите екипи.
На победа во 8. коло од Втората лига се радуваа уште Ангели, Маџари, МЗТ Скопје УНИ Банка и Бутел. Со натпреварот меѓу Црн Дрим и Соколи ќе биде комплетирано колото.
ТАБЕЛА: Ангели 14, Борец 14, Соколи 13 (-1), Мега баскет 13, Маџари 13, Црн Дрим 12 (-1), Охрид 12, Бутел 12, МЗТ Скопје УНИ Банка 12, Работнички 9, Водно 9, Академија ФМП 8.