Овој викенд на програмата од 15. коло од Супер лигата е дерби дуелот меѓу актуелниот првак Еурофарм Пелистер и вицепрвакот Вардар.
На првата пресметка, која беше одиграна во Скопје, триумфираа „црвено-црните“ со три гола разлика, 27:24.
Од таборот на македонскиот шампион ги повикаа навивачите да донесат плишани играчки и да ги фрлат на теренот на полувремето од големото дерби.
,,РК Еурофарм Пелистер испраќа хумана порака на последниот домашен натпревар во 2024 година. Ги повикуваме сите наши навивачи, симпатизери, приврзаници на полувремето од натпреварот против Вардар 1961 (сабота, 14 декември -18.00 часот) на теренот да фрлат плишани играчки наменети за дечињата од ранливите категории. Со оваа порака сакаме да ги потенцираме вистинските вредности на животот, пренесени преку спортот”, стои во објавата на македонскиот шампион.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар ќе се одигра во спортската сала „Боро Чурлевски“, со почеток од 18:00 часот.