Ракометарите на Еурофарм Пелистер во рамки од 12. коло од Лигата на шампионите освоија два важни бода на свој терен против Динамо Букурешт, откако во неизвесен натпревар славеа со 25:24. Од 20 минута се играше гол за гол, двете екипи имаа подеми и падови, но во играта на нерви подобро се снајде домашниот состав, кој го имаше расположениот Никола Митревски.
Токму искусниот голман го одбрани последниот шут на Зеин и донесе голема радост на битолчани. Митревски натпреварот го заврши со 16 интервенции, а во нападот Домен Тајник беше најефикасен, постигна шест погодоци, по пет запишаа Богдан Радивојевиќ и Филип Кузмановски.
Сега на Еурофарм Пелистер му преостануваат уште два натпревари од групната фаза, најпрво гостува кај Фуксе Берлин, потоа дома го пречекува ПСЖ.