Поранешниот член на Металург, Владан Липовина, кој моментално настапува за Ал Кадсија, пред извесен период потпиша тригодишен договор со Ал Кувајт, најтрофејниот клуб во азиската земја и од следната сезона ќе биде најплатениот ракометар на светот.
Црногорецот, иако има 32 години, сè уште игра во одлична форма, но само на клупско ниво, бидејќи веќе неколку години не настапува во националниот дрес.
Во интервју за спортскиот портал „Лоб Спорт“, тој откри дека нема намера да се враќа во репрезентацијата.
,,Не би зборувал многу на таа тема, но за мене репрезентацијата е завршена приказна. Имавме среќа со таа генерација чиј потенцијал беше препознаен од Братиќ и Павичевиќ и нè испратија во Германија, каде што ги направивме нашите кариери и во исто време автоматски ѝ помогнавме на репрезентацијата. Едноставно, без квалитетна лига и вложување во помлади екипи, нема силна репрезентација. Играв на врвно ниво и видов како инвестираат во помладите категории и какви услови имаат. Затоа не гледам дека можеме да одиме напред сè додека во сојузот се вработени партиски луѓе. Кај нас сè е лага и измама, вклучително и во спортот. И затоа не се гледам себеси со тие луѓе“, изјави Липовина.
Според „Германијак“, Липовина со новиот договор ќе заработува 800.000 евра по сезона, што значи дека за три години ќе заработи 2.400.000 евра. Со бонусите за освојување важни титули, како што се трофејот во Купот, Азискиот шампионат и други регионални натпревари, може да заработи повеќе од милион евра годишно.
Ова го прави Липовина најплатениот ракометар на светот, па Црногорецот ќе има повисоки примања од најдобрите ракометари – Матијас Гидсел, Дика Мем, Андреас Вулф…
Искусниот Липовина дел од својата кариера ја помина во Металург, а освен за поранешниот шампион на Македонија, настапуваше и за Вецлар, Куенка, Балинген, Рајн Некар, Магдебург…
Неговата преселба од Ал Кадсија во Ал Кувајт ќе биде ова лето.