ЖРК Овче Поле Славјански Универзитет е клуб кој со години работи посветено на развојот на женскиот ракомет во Свети Николе. Иако не станува збор за голем клуб, неговата континуирана посветеност на младите таленти и целосната стратегија за унапредување на тимот го прават важен и стабилен клуб на домашно тло.
Во разговор за Спортска Димензија, главниот тренер на сениорскиот тим на Овче Поле Славјански Универзитет, Илија Бетувски, кој е и координатор во младинските категории на клубот, ги сподели своите впечатоци од досега постигнатото во тековната сезона, како и своите погледи и планови за иднината на клубот, со акцент на развојот на младите ракометарки и создавање на стабилна и перспективна екипа.
„Со оглед на тоа што во регуларниот дел останавме без пет стандардни првотимки, а полусезоната ја одигравме со четири сениорки поддржани од нашите кадетки, задоволен сум од постигнатиот резултат. Со враќањето на Јована Конева, Анастасија Сентовска и со засилувањето во името на Јана Ристовска, евидентно се доби на квалитет. Во тековните натпревари од плеј-аут фазата целиме да бидеме во горниот дел на табелата. Фокусот го ставаме на создавање млада, перспективна екипа, која резултатите ќе ги покаже во следната сезона“, изјави Бетувски.
Овче Поле Славјански Универзитет е клуб со традиција – од 2004 година редовно настапува во сите категории на домашна сцена.
„Нашата екипа континуирано се натпреварува од 2004 година, со солидни резултати во сите категории. Со голема посветеност и напорна работа, како и со поддршката од Славјански Универзитет и Општината, клубот уште повеќе ќе се ангажира во создавање нови перспективни ракометарки и стабилна, квалитетна сениорска екипа.“
Свети Николе е град кој секогаш бил препознатлив по ракометот, а и денес младите покажуваат голем интерес за овој спорт.
„Слободно можам да кажам дека ракометот е водечки спорт во градот. Оттука произлегоа некои од најуспешните ракометари и ракометарки – браќата Лазарови, Гордана Нацева, сегашната репрезентативка Леонида Гичевска и многу други кои настапуваа во младинските селекции.“
Клубот со гордост ја истакнува соработката со Славјански Универзитет, која овозможува добри услови за усогласување на спортот и образованието.
„На Славјански Универзитет имаме неколку наши ракометарки кои се стипендирани. Покрај стипендиите, имаат и многу други поволности кои им ги овозможува Универзитетот – создавајќи услови да бидат успешни студенти и напредни спортисти. Ги охрабрувам сегашните матуранки да дојдат, да студираат и да играат ракомет – нема да се покајат. Не знам како работат другите клубови, но во нашиот сè е фокусирано на играчите – од почетниците, кои се едуцираат бесплатно, па до сениорките. За нивен развој и напредок работиме четворица тренери во сите категории. Клубот во моментов брои околу 60 девојки во сите категории.“
Иако новата сезона е сè уште далеку, плановите за неа се веќе добро познати.
„Доколку продолжи досегашната поддршка, особено од Министерството за спорт, кое сметам дека министерот Борко Ристовски одлично го води, планираме засилување на некои позиции каде сме најтенки. Што се однесува до иднината на младите ракометарки, евидентно е дека во сите клубови има талентирани и напредни девојчиња, но мал е бројот на навистина селектирани. Без квантитет нема квалитет. РФМ треба да поработи повеќе во таа насока.“
Клубот и понатаму верува во потенцијалот што го има клубот, а со вистинска поддршка – резултатите нема да изостанат.
„Како што реков, Свети Николе е ракометен град и ве уверувам дека со ентузијазмот што го имаме, напорната работа со младите и доколку добиеме поголема поддршка од релевантните фактори, Свети Николе и државата ќе ги гледаат нашите девојчиња во светло издание“, заврши Бетувски.